За Нас

ФЕНИКС e митолошка, легендарна птица, која никогаш не била видена. Според верувањата на источните Словени оваа птица во текот на денот се крие и спие, додека во текот на ноќтта излетува од своето гнездо и бидејќи е многу сјајна осветлува големи пространства.

Ова суштество често се спомнува и во класичните руски народни бајки и преданија.

Според старогрчкиот јазик, името потекнува од φοῖνιξ [phoînix]=црвена, или од староегипетскиот бену или боину = осветлува. Старите Египјани мислеле дека е родена од водата, на која гледале како на прапочетниот елемент, и тоа сама од себе, слично како што само од себе, спрема нивните размислувања, се родило и сонцето. Со поврзувањето на тие елементи започнале да веруваат дека таа птица е едно од отелотворувањето на сонцето кое после владеењето со светот умира и повторно се раѓа, појавувајќи се во блескавата свлетлина на зората.

Во Египет Фениксот е познат под името Бену или Бинв. Бил симбол на богот на Сoнцето – Ра и бил поврзуван со Озирис, владетелот на долниот свет.

Озирис, кој и сам воскреснал,тајните на бесмртността ги предал само на птицата Бену.

Во Египет Бену бил користен како симбол за останатите циклуси, како што се оние поврзани со излезот и залезот на сонцето како и со годишното излевање на реката Нил.

Во сложените египетски сфаќања, владеењето на сонцето (а со тоа и на кралот, дури и починат) се обновувало во 30 годишни циклуси, кои го симболизирале човечкиот век.

Од боинуто се создал Фениксот кај Грците и Римјаните. Мислеле дека е птица која има волшебна моќ на секои 500 години да се запали во своето гнездо, а од пепелот да стане подмладена за нов живот.Со тоа, Фениксот станал симбол на воскреснувањето, кој подоцна го прифатиле и Христијаните.

Некои се на мислење дека Фениксот е првиот пример на се` што не може да биде видено (како на пример Бог), туку дека може да се разбере преку името и карактеристиките. Некои го опишуваат Фениксот како птица која наликува на орел, при што едната половина на телото е од орелот, а другата од Фазан.

Други пак тврдат дека Фениксот наликува на Чапља, а трети дека е збир на најубавите делови на телата на сите животни на светот.

Најкарактеристичен опис за тоа како изгледал Фениксот дале Кинезите.

Тие оваа птица ја нарекувале Фенг-Хуанг. Мислеле дека е направена од сите најпосакувани делови на сите животни на земјата: врат на змија, пругите на телото како на змај, опашка од риба, оклоп од желка, грклан на ластовица и глава на петел.

Оваа птица можела да се види само во мирни и благородни времиња. Понекогаш е прикажувана со огнена топка,со што ја претставувала поврзаноста со сонцето.

Таа била царска птица и била наречена црвената птица.

Фенг-Хуан живеела во кралството на мудрите кое се наоѓало некаде во Источна Кина. Ја пиела најчистата вода и јадела само бамбус. Кога и да запеела, сите пеачи на светот се придружувале на нејзината песна. Коскената срж на Фенг-Хуан била ценета како света храна. Оваа птица била заштитничка на сите кинески владетели.

Мажјакот на Фенг-Хуанг ја симболизирал среќата, а женката Фенг-Хуанг ја претставувала царицата. Пар од две вакви птици ја симболизирале брачната благосостојба. Во текот на зачнувањето, оваа посебна птица му дарувала душа на ембрионот во мајчината утроба.

Била поврзувана со убавината, чистотата, силата и големата среќа. Слободно може да се каже дека Фениксот е најдобро рангирана птица на Истокот, а со тоа што во себе ги обединува добрината, мудроста, пристојноста и искреноста – често се користи и како симбол царица (од таму и популарното име „царска птица“).

Исто така, интересно е и да се знае и дека оваа величенствена птица донесува поддршка и на сите оние кои чекаат некаков вид на унапредување, а посебен акцент се става на сите професии кои се во директна врска со војската и судството.

Нејзиното име потекнува од од грчки збор кој ја означува црвената боја, бидејќи најчесто Фениксот се поврзува со огинот и сонцето. Опишуван е како златна или шарена птица. Некои велат дека Фениксот никогаш не јаде. Други пак дека пие само од утринската роса. Многумина веруваат дека оваа птица живее само во Арабија или Етиопија.

Но, сите се сложуваат тека тоа е птица со неопислива убавина.

Најинтересната информација поврзана за оваа птица е тоа дека се мисли дека е безсмртна и дека повторно се раѓа на секои 300 или 500 години. Кога ќе се наближи крајот на нејзиниот животен циклус, да речеме на секои 500 години, би одлетала во храмот на сонцето во Хелиополис (седиштетот на богот на сонцето, богот Ра), каде свештеници ја чекале да и` помогнат.

Фениксот собирал ароматични тревки, дрво и зачини од целиот свет и од нив правел за себе огромно гнездо и седејќи на гнездото, палел оган замавнувајќи со крилјата или со помош на сончевите зраци, при тоа дозволувајќи на сончевите зраци да ја изгорат.

Кога неговото старо тело ќе изгорело, Фениксот повторно се раѓал од црв, од сопствената коскена с`рж  или од јајце кое би останало во пепелта, за потоа повторно да го започне својот животен пат наредни 500 години.

Според некои легенди, повторно родениот Феникс ги оставал своите стари коски во Хелиополис, градот на сонцето во Египет, каде биле погребувани со специјални погребни ритуали.

Постои и еврејска легенда. Евреите Фениксот го нарекувале Милкам.

Според традицијата, бидејќи Ева го изела забранетото овошје, станала љубоморна на безсмртността и чесността на другите животни во Рајот. Затоа ги наговорила сите животни да јадат од овошјето на забранетото дрво, со што би ја следеле во нејзиниот пад. Сите успеала да ги убеди – освен Фениксот.

Затоа Бог го наградил Фениксот така што му подарил заштитен град, каде требало да живее во голем мир 1000 години. На крајот на тој период од 1000 години, Фениксот би изгорел во огин и повторно би бил роден од јајце кое после него би останало во пепелта.

Една друга еврејска легенда вели дека на крајот на секој период од 1000 години, телото на Фениксот постепено се смалувало, губејќи ги пердувите и станувало мало бебе Феникс, кое повторно израснувало во голема птица.

Во секој случај, Фениксот бил недопирлив за Ангелот на смртта.

Според било која легенда,Фениксот се поистоветувал со бесмртността, победата над сите несреќи и лоши сили, поради тоа што се појавувала од пепелта.

Така Фениксот станал и омилен симбол на раните христијански надгробни споменици. Во делот 25-26 од писмото до Кориќаните, римскиот епископ Свети Климент, ја поддржал легендата за Фениксот како потврда за моќтта на Христос да ги воскреснува луѓето кои верувале во тоа.

Тој го цитирал Јован, кога велел: „Ти ќе го воздигнеш моето тело, кое ги преживеа сите овие страдања“, т.е. „Затоа велев: во своето гнездо ќе умрам, и ќе имам денови како песок. Мојот корен ќе се простира крај вода, росата ќе биде цела ноќ на моите гранки. Мојата сила се подмладуваше во мене и лукот во мојата рака се повторуваше“.(Јован 29, 18-20).

На многу места се појавува птицата Феникс како го претставува Христос. Во многу земји се верувало дека во едно време живее само еден Феникс. Тој се раѓа сам од себе и не ги следи природните закони за репродукција.

Во средниот век се верувало дека Фениксот воскреснува од мртвите после три дена.

Често е прикажуван како симбол на Христос, со палмино дрво (еден симбол на воскреснувањето) или како носи гранка од палма (симбол на мирот кој Бог им го нуди на луѓето).

Фениксот го симболизира повторното раѓање, надежта, чесноста, бракот, верата, постојаността, летото, вечността, бесмртността и светлината. Тој го претставува космичкиот огин од кој е создаден и во кој ќе се уништи светот.

Римјаните го осликувале ликот на фениксот на монетите и медаљите како знак на нивната желба Римското царство вечно да трае.

Во уште една легенда се вели дека птицата Феникс може да се види во мирни и благородни времиња.

Освен сите спомнати квалитети, Фениксот има моќ во човекот да ги разбуди оние најдобрите вибрации и да ги зајакне најосновните човечки квалитети: чесност, одговорност, доверба, умерено однесување, хуманост и сочувство.

Во себе ги обединува само најдобрите карактеристики на сите останати птици,а неговото тело е симболизирано од небеските тела: неговите очи го претставуваат сонцето, главата е небото, грбот се изедначува со месечината, нозете со земјата, крилјата се синоним за ветерот,додека опашката ги претставува сите останати планети.

Низ сите митови, легенди, приказни и кажувања секогаш се поставувале неколку прашања:

– Како обичните смртници ја немаат таа среќа да се сретнат со ова величенствено суштество?

-Како да се зајакне енергијата на Фениксот и да се осети барем мал дел од среќата и хармонијата која Фениксот ја носи во себе?

Постои верување дека било која слика на птица со шарена опашка (како паун или петел), меѓу останатите сувенири во нашиот дом ќе не доближи до моќтта на Фениксот. Дека со помош на слични порцелански фигури директно ќе дотече потокот на позитивна енергија и разочарувањето ќе исчезне.

Но, никој до сега не ја осетил сопствената поврзаност со оваа бесмртна птица која се издигнува од сопствената пепел и повторно и повторно успева да одлета, да живее и преживее.

Секој од нас кој на некој начин ги изгорел своите крилја од „светлината на сонцето“, односно од близината на некоја или нечија сила на која не можел да влијае, се изгорел и повторно преживеал – тој е Феникс.

Затоа овој портал е наречен токму Феникс.

За сите кои некогаш во животот се издигнале после својот пад, после секоја несреќа која им се случила, за повторно и повторно да се почувствуваат живи и да полетаат кон сончевата светлина. Кон иднината која ќе се потрудат да ја направат подобра и посветла за себе и своите најблиски.

Затоа, почитувани посетители на овој портал, не се плашете никогаш дека некогаш ќе „паднете“, затоа што мора да знаете дека сте способни повторно да се издигнете над себе, над сите.

Повторно да се роди кај Вас надежта, постојаноста, чесността, верата, вербата, вечноста, светлината !!!

Ако не можете сами, овде сме ние, Вашите најблиски, да Ви помогнеме Вашето воскреснување да биде колку што може најбезболно !!!

На Fenix.mk ќе најдете совети од повеќе области во секојдневието. Доволно е само да притиснете на делот кој Ве интересира, а ако не сме успеале да го доловиме тоа што Ви е потребно, слободно напишете на нашиот е-маил: fenix.mk@yahoo.com и бидете сигурни дека ќе најдеме начин да ви помогнеме.

Ајде да создадеме нов мит, нова легенда, нов Феникс кој ќе се издигне и ќе блесне меѓу останатите портали !!!

Со почит,

Билјана Постолова

Главен и одговорен уредник на fenix.mk

Fenix.mk - © 2018. Сите права задржани. Design by Goshe Stefanov ©andromedasolution